Опозицијата бара кривична одговорност за началникот, Мицкоски вели ако се огрешил ќе одговара
Обвинителството да поведе кривична постапка за началникот од Демир Хисар бараат од опозициската СДСМ. Според партијата, не е доволно само дисциплинска постапка пред внатрешната контрола на МВР - началникот треба и кривично да одговара.
И од Левица побараа МВР да поднесе кривична пријава за началникот Мартиноски за злоупотреба на службената положба. Обвинуваат дека разрешениот началник е во роднински врски со актуелниот началник на СВР Битола.
Фамилијарната блискост на Роберт Мартиноски со актуелниот началник на СВР Битола не смее да биде повод за АМНЕСТИЈА на самоволието на партиските началници. Наместо Тошковски со празни флоскули да ја убедува јавноста дека "секој ќе одговара", го повикуваме на дело да ја спроведи одговорноста и да не го штити од кривичен прогон неговиот началник!
МВР реагираше и го смени началникот од функцијата, вели премиерот Мицкоски. Доколку има кривична одговорност, секој што се огрешил ќе одговара. Но Мицкоски смета не треба да се амнестира од одговорност и директорката на училиштето кај која се пронајдени голем број неправилности, за што градоначалникот и ја разрешил.
Во разговор со градоначалникот на Демир Хисар, уште во саботата кога изби скандалот со претресот и началникот кој сакаше да ја уапси директорката без налог и дури таа е на боледување, тој ни кажа дека кај неа Државниот просветен инспекторат утврдил неправилности во работењето и било побарано смена на директор. На нашето прашање кои се тие неправилности, градоначалникот не знаеше точно да каже, биле многу, а листата не била во моментот со него.
Утре директорката Маја Лозановска заедно со нејзиниот адвокат, како што објавија ќе одат на информативен разговор во полиција и ќе бараат да се направи увид и во училишните простории кои според нив се обиени барајќи ги печатите, без кои не можело да се вработи новата директорка и наставници, пред распишувањето на изборите.
Директорката тврди дека е незакноски разрешена, а претресот се должи на политички притисоци пред избори.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар