Македонија
13. August 2025 - 16:37

Претседател на Антикорупциска ќе се избира после локалните избори

Постапката за избор на претседател на антикорупциска, ќе мирува до завршување на локалните избори. Ова денеска го одлучи с собраниската комисија за избори и именувања, повикувајќи се на мислење добиено од самата ДКСК.. Во дописот испратен до Собранието, од Антикорупциска потсетуваат дека во периодот од распишување на избори, па се до нивно завршување, мора да се почитуваат сите законски забрани.  

„ДКСК делувајќи превентивно дава укажување до сите засегнати страни дека од денот на донесување на одлуката за распишување на локални избори, до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, е потребно да се почитуваат забраните утврдени во член 8-а и 8-б од Изборниот законик и член 34 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, при што, постапувањето е на одговорност на одговорните лица на субјектите“ напишале во своето мислење од Антикорупциската комисија.. 

Известувањето беше прочитано и пред членовите на комисијата, па таа едногласно одлучи дека наследник на Димитровска, ДКСК ќе добие по завршување на претстојните локални избори. Претходно, комисијата состави седумчлена комисија за селекција на кандидатите кои сакаат да застанат на чело на антикорупциската комисија. Во тимот се Илбер Руфати, заменик народен правобранител, потоа, Дарко Аврамовски и Бардил Јашари од граѓанскиот сектор и по двајца пратеници од власта и опозицијата, (Бојан Стојановски, Саранда Имери, Митко Трајчулески и Арбана Пашоли). Комисијата за селекција со својата работа ќе почне по изборот на Градоначалници и општински советници.

„Членовите на комисијата за селекција, се овластуваат да вршат обработка на личните податоци, при што се должни да обезбедат тајност и заштита на обработка на лични податоци согласно законот за заштита на лични податоци, за што до комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе достават изјави. Како комисија сакаме да укажеме на комисијата за селекција дека нејзината работа ќе продолжи по завршување на изборите на трети ноември“, изјави Ѓорѓија Сајковски, Претседател на Комисија за избори и именувањата.

Во меѓувреме тече рокот за поднесување кандидатури кој истекува во петок. Но разгледувањето на нивните пријави, Комисијата за селекција формирана денеска, ќе го прави дури по завршување на локалните избори. Според огласот, заинтересираните не треба да се членови на партија или нејзини финансиери, да се факултетски образовани, а во последните 10 години да не биле пратеник во Собранието или член на Влада.

Нов претседател на Антикорупциска се бара по оставката на Татјана Димитровска која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Нејзиното судење во рамки на предметот „Адитив“, треба да се одржи кон крајот на месецов.