Македонија
14. August 2025 - 16:46

Судење за екс обезбедувачот на премиерот, се презентираа снимки

Сведокот кој треба да го поткрепи обвинението против полицаецот што одговара за оддавање службена тајна, денеска не се појави на суд. Благоја Коруновски преку Вибер ја информирал Јавната обвинителка дека се наоѓал во Србија и чека операција на срце. Тој е клучниот сведок кој треба да објасни како поранешниот член на обезбедувањето на премиерот, инаку вработен во велешката полиција, Ангел Самараков, прифатил да оддаде службена тајна за сума од 50 илјади евра.

Обвинителството денеска ги презентираше снимките што ги направил Коруновски. На нив, тој седи во автомобил и разговара со друго машко лице чиј лик не се гледа. Обвинителството тврди дека тоа е обвинетиот Самараков. На снимките се појавуваат и докуметни од неговата колешка полицајка со која делел канцеларија. Во разговорите се догавара сумата за споделување на службените документи и записници од пријави.

-Колку, што мислиш, која дабиде цифрата?

Машки глас:  

-50 брат, јас искрено би се задоволил и со 25, повеќе не ми требаат, ама 25 да и ги земеме, Јас да добијам 25.

Одбраната тврди дека снимките не се веродостојни и ги смета за креирани од обвинителството..

„Се гледа лик на лице за кое обвинителството тврди дека е Благоја Коруновски, кое самото се снима себеси, но, кога говори, телефонот го трга настрана. На ниту една од снимките го нема обвинетиот Ангел Самараков. Точно е, има говор на некое лице и толку“, кажа во судницата адвокатот Ивица Ефремов.

Обвинителството вели, снимките не се монтирани, по распитот на Коруновски, ќе се види целосната слика..

„Вие имате два гласа, едно лице се гледа, а притоа го гледате другото лице дека зборува, мислам навистина сметам дека не беше основан тој приговор. Јас не сакам да ги презентирам сите докази, односно да извршам анализа пред да бидат изведени сите докази. Кога ќе биде сослушан и сведокот, тогаш ќе има навистина целосна слика за настанот. Обвинителството ги нема креирано снимките како што тврди одбраната“, изјави Ивана Трајчева Алексова, Јавен обвинител.. 

По предлог на одбраната сведочеше полицајката Лелита Трајковска Миленкова чие име се гледа на документите во снимките. Со Самараков разговарала само за работа, а Коруновски не го познавала.

Коруновски порано бил осуден за убиство, обвинителството тврди дека неговото минато не е причина да не му се верува. Тој требало да ги преземе документите од Самараков означени како службена тајна.