Мицкоски најавува реконструкција на владата после локалните избори
Смена на министри во владата по завршување на локалните избори. Реконструкцијата денеска ја најави премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на саемот на градоначалници, „4 години работа за тебе“.
Луѓето кои ќе ги опфати реконструкцијата не се лоши, туку како што вели Мицкоски, Владата има потреба од динамичен капацитет.
„Веднаш после овие избори ќе ги отвориме вратите на партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување и поголема динамика на капацитетите. Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе бидат заменети биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба подинамичен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење на промени и за прв пат после долго време на градење заеднички успеси кои ќе донесат подобра иднина и шанса каква генерации и генерации млади луѓе чекаат“, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.
Мицкоски ја отфрли можноста за смена на владиниот коалиционен партнер од албанскиот блок. Рече дека ДУИ уште долго време ќе остане во опозиција. Без ниту една научена лекција, ДУИ нема да се врати на власт, нагласи Мицкоски.
„Јас ќе бидам многу јасен и многу прецизен овие избори нема да бидат вратата на ДУИ во владата, и интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат. Македонија ќе им каже не на СДС и ДУИ и нема да се вратиме во минатото каде што здружно го грабаа РЕК, купуваа трговски центри среде Скопје, внучињата стануваа познати милионери, играа фудбалчиња по институциите, се удираа во гради дека владеат со Македонија а кога се смени владата усвет и мајка бежанија фатија за да не одговараат пред законот“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски, преку бројни независни кандидати за градоначални и советници, опозициските СДСМ и ДУИ спремале саботажа на локалните избори. Смета дека таквото сценарио двете партии меѓусебно го координирале, а целта им била да се попречи демократијата и да се збуни гласачкото тело.
„Со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата и да ја заматат чистата слика на нивниот историски пораз кој што доаѓа. Но зад оваа игра не стојат само партиските штабови. Во таа намера, длабоката држава на СДСМ и ДУИ – нивните луѓе распределени во судството, во изборната комисија, во институциите – денес се во коалиција. Коалиција за да го спречи поразот што ќе им го донесе ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори. Ова се добро познати работи на кои сме навикнати од нив. Тоа се нивните матрици – манипулација, подметнувања, измами“, истакна во својот говор Мицкоски.
Во отчетот за четиригодишната работа на градоначалниците, премиерот и претседател на партијата, рече дека дел од градоначалниците кои добиле поддршка на претходните локални избори, не ја оправдале довербата, а нивните кандидатури ги смета за погрешен избор. Уверува дека грешката нема да се повтори.
„Веднаш ќе кажам дека друга грешка беше што веруваме дека некои луѓе ќе дадат многу повеќе од тоа што видовме. Тие луѓе иако сега не ја имаат нашата поддршка ниту се дел од нашата коалиција, свесен сум дека беа нашиот погрешен избор. И лекцијата морам да напоменам е научена. Жалам што за нив го вложив мојот личен кредибилитет, и колективно придонесовме да тие станат градоначалници“, вели Мицкоски.
Останатите градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски, ја оправдале довербата. Зад себе не оставиле никаква афера или криминален случај, и како што рече, ги извадиле општините од бездната во која ги затекнале.
„Во изминативе 4 години изградивме и реконструиравме улици, булевари, патишта во вкупна должина од над 770 километри во вкупна вредност од околу 100 милиони евра. Направени се 46,840 метри нови водоводи, изградени се канализации од должина над 91 илјади метри. Изградени или во завршна фаза на градење 7 пазари од затворен тип. Изградени или во завршна фаза на градење се 12 пречистителни станици. Во делот на образованието реконструирани и модернизирани се повеќе од 400 училишта“, истакна Мицкоски.
Мицкоски најави дека од понеделник ќе почне изработката на програмата за локалните избори, а ќе стартува и акцијата „Предложи“ со која и граѓаните ќе може да понудат проекти за својата општина.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар