Македонија
16. September 2025 - 16:37

Злоупотреба на службени возила од денеска ќе може да се пријави на телефонскиот број: 070 399 050

Граѓаните од денеска ќе можат да пријават злоупотреба на службени возила. На телефонскиот број 070 399 050 или на мејл ќе може да се пријави ако некој се вози за приватни или партиски цели со државен автомобил. За полесно препознавање веќе е почнат процесот на означување со црвени таблици. Работата треба да заврши пред да почне изборната кампања. 

„До денешниот пресек имаме некаде околу 500 возила кои што добиле специјални таблици, има голем број на возила кои што се во постапка. Ќе оставиме уште две недели да направиме краен пресек“ – Ивица Томовски, директор на СОЗР

Паралелно, државата ќе прави и генералка на возниот парк. Од 7.500 службени возила, реално потребни се околу 2 илјади, вели првиот човек на службата за општи и заеднички работи. Останатите ќе бидат продадени и расходувани.

„Оние возила кои се користат како административни ќе бидат далеку помала бројка и затоа напоменав институциите да пристапат кон рационализација односно употреба само онолку колку што може една институција непречено да функционира. Многу често во минатото возилата се земале од оние од одземен имот, па се трупале возила, па кај нас процедурата да ги расходувате тие исти возила е малку покомплицирана и претпоставувам институциите не се решавале да ги расходуваат така брзо и лесно. Ве убедувам дека тие возила стојат на паркинзи и на плацеви, не се користат, но се водат како држави возила“ – Ивица Томовски, директор на СОЗР

Институциите кои нема да ги сменат табличките наместо казни, засега, ќе добиваат само опомени, но не е исклучена можноста за законски измени кои ќе предвидат и казнени одредби. Црвени таблици нема да добијат возилата на полицијата, армијата, инспекциите...