Македонија
20. September 2025 - 16:35

Денеска беше осветен храмот „Св. Мина”

Денеска во општина Сопиште беше осветен храмот „Свети Мина“. По речиси дванаесет години градба, новата црква ги отвори своите врати за стотици верници, со благослов од Aрхиепископот Oхридски Mакедонски Г.Г. Стефан. 

Осветувањето беше проследено со свечена литургија, а верниците го дочекаа овој ден како почеток на ново духовно прибежиште во срцето на нивната заедница. Храмот од денес ќе биде место за молитва, крштевки, венчавки и богослужби но и симбол на верата, велат од Црковниот одбор. 

Храмот беше исполнет со верници. Повеќето беа од општината Сопиште, но имаше и такви кои допатуваа од другата страна на градот за да присуствуваат на осветувањето. За нив, новата црква претставува место за духовно зближување, заедничка молитва и одбележување празници. Простор каде секој ќе може да најде утеха и мир. 

По литургијата во рамки на црквата имаше и свечен ручек, а има и целодневна програма. Малите играорци од фолклорниот ансамбл од Сопиште ќе бидат домаќини на настанот. 

Денот ќе го заокружат настапи на македонски изведувачи, почнувајќи од 20 часот.