Македонија
25. September 2025 - 16:36

Од утре ќе се казнува ако зборувате на телефон или слушалки дури поминувате улица

Од утре, пешаците кои ќе се движат со слушалки на ушите или телефон во рака дури преминуваат улица, ќе бидат казнети од полицијата и ќе треба да платат 40 евра. За возење велосипед, електричен тротинет или мотор со користење на електронски уред или слушалки казната ќе изнсува 50 евра. 

Овие нови измени спаѓаат во Законот за сообраќај на патиштата. 

Дел од граѓаните се запознаени со законот кои што стапува од утре на сила, но дел денеска прв пат слушнаа. Велат ќе го почитуваат бидејќи не сакаат да бидат казнети, а е добро и за нивната безбедност. 

Според новите членови во законот за велосипедистите или пак оние кои возат електричен тротинет или мотоцикл, за време на возењето не смеат да користат слушалки, телефон или друг вид електронски уред бидејќи би им се намалила можноста за реагирање и сигурно управување со возилото, како и стабилноста.

Пешакот пак е должен кога поминува коловоз или велосипедска патека, да се движи и преминува внимателно без притоа да користи телефон, слушалки, смарт часовник бидејќи би му го намалило вниманието додека преминува. 

Македонија е една од првите земји од Балканот која го воведува овој закон. Во Косово од лани пешаците кои поминуваат улица, а користат телефон или слушалки се казнуваат со 50 евра, додека пак во Бугарија се разгледува воведување на ваква мерка. 

Со новите мерки, властите очекуваат да се зголеми вниманието на пешаците и возачите, а со тоа да се подобри безбедноста во сообраќајот.