Македонија
17. October 2025 - 16:38

Граѓанскиот суд го забрани штрајкот на контролорите на летање, синдикатот ќе се жали

Контролорите на летање нема да штрајкуваат во понеделник. Авиосообраќајот ќе се одвива нормално. Ова доаѓа откако граѓанскиот суд донесе решение со кое го забрани штрајкот најавен од струковиот синдикат. Судот утврдил дека штрајкот е незаконски „бидејќи не е спроведена задолжителна постапка за помирување, не се наведени конкретни барања и се загрозува безбедноста на граѓаните, а може да се нанесе непоправлива штета во воздушниот сообраќај“.

Во одлуката се додава дека струковиот синдикат немал право да организира штрајк бидејќи се води како подружница на независниот синдикат на сообраќај и врски. 

Од струковиот синдикат преку медиумите дознале дека се тужени од раководството на М-НАВ. Првиот човек на синдикатот тврди дека не добиле покана за рочиште, кое требало да се одржи денеска, но е откажано, а решението дека им е забранет штрајкот, е донесено вчера.

„Ништо официјално, ниту од суд, ниту покана, ниту оставено некакво пропратно ливче кое се остава за да се подигне некаков документ. Бев во меѓувреме на работа, никој не ме ни извести дека има нешто да се подигне, така што ние ќе побараме и камери да се вратат, да се види дали сето тоа е запазено, дали некој бил на работа, дали оставил нешто за нас и зашто не сме го добиле тоа“ – Александар Тасевски, претседател на струковиот синдикат на контролори на летање

Постапката за помирување е завршена уште во 2023-та, вели Тасевски. Потпишана била и спогодба, но тој тврди дека е закочена и не се почитува. Рече дека барањата им се исти, а меѓу нив има и основни услови за работа.

„Едно од барањата беше и да се реши проблемот со водата. Се случува со денови да немаме вода на работа и да мора вработените да одат или во аеродромот ТАВ или по локалните кафани во Петровец за да можеме да извршиме нужда“ – Александар Тасевски, претседател на струковиот синдикат на контролори на летање

Синдикатот најави дека ќе ја обжалат одлуката и ќе бараат да се одржи рочиште. Ќе поднесат и преставка до судскиот совет за судијката која го донела решението. 

М-НАВ летово објави дека работи на доекипирање со кадри, имплементација на нови технологии, како и замена на старата опрема и реорганизација.