За кандидатите на ДУИ и ВРЕДИ ќе се гласа повторно во Гостивар и Врапчиште
Во Гостивар ќе се прегласува првиот круг на изборите- иако ДУИ беа убедени дека го добија градоначалничкото место, а нивниот кандидат има 61,39% од гласовите во споредба со кандидатот на ВРЕДИ кој има 15,29% сепак нема доволна излезност за да се прогласи победа.
Ќе се прегласува и во Врапчиште, а со прегласувањето во овие две општини ДУИ има освоено само три градоначалнички места-Липково, Пласница, Чашка.
По долги години ДУИ го загуби бастионот Чаир како и неосвоиливата тврдина Сарај.
ВРЕДИ пак овие локални избори во првиот круг доби пет градоначалници во Арачиново, Желино, Сарај, Теарце и Чаир. Во Чаир проценките на експертите беа дека ќе биде тесна битка, но сепак Изет Меџити го победи Бујар Османи со околу 3.500 гласа разлика.
Во вториот круг двете најголеми албански коалиции ќе се борат да ја добијат и општина Тетово, каде Билал Касами досегашниот градоначалник од ВРЕДИ ќе ја бара поддршката за уште еден мандат наспроти Бајрам Реџепи од ДУИ. Како политички опоненти во вториот круг ќе се борат и во Боговиње.
Во две општини пак коалиционите партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ имаат свои кандидати во вториот круг- Долнени и Брвеница. ВРЕДИ во вториот круг ќе се бори и за Дебар наспроти независен кандидат.
ДУИ покрај Гостивар и Тетово, во втор круг оди во Кичево наспроти кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, како и во Струга и Студеничани со кандидат на група избирачи.
Но ако општата констатација за успехот или неуспехот на едни локални избори се бројот на освоени гласови за советници, тогаш ДУИ има предност со освоени 114.246 гласа наспроти ВРЕДИ кои освоија 91.974.
Меџити со иронија им ја честиташе победата на ДУИ во Пласница, додека пак ДУИ прогласи историска победа во Чашка.
Прегласувањето и вториот круг на изборите ќе се одржат на 2 ноември.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
