Ахмети: Без извршен Бадентер, нема коалиција со идна Влада
Бадентеровото мнозинство е јасниот и единствен услов на ДУИ за влез во идна влада. Одлуката, усвоена на партискиот конгрес, денеска беше потврдена на брифинг со лидерот Али Ахмети и дел од новото раководство. Тој бара изборот на Владата да се врши со двојно мнозинство, како и примената на Бадентеровиот принцип при поништување закони во Уставниот суд. Без овој услов, партијата нема да учествува во идната владина коалиција. Според Ахмети, станува збор за мала уставна измена со големо решение, која го зајакнува духот на Рамковниот договор и спречува поделба на државата.
Кадровските промени биле една од најтешките одлуки што ги донел. Сменети се околу 80 проценти од раководството, вклучувајќи блиски соработници од долгогодишната работа, меѓу кои и Талат Џафери, кој бил премиер и претседател на Собранието. Ахмети објаснува дека одлуката не била лесна, но дека тоа е резултат на сеопфатна анализа на сите тела на партијата и колективна одлука за подобро функционирање на организацијата. Старите кадри нема да бидат исфрлени, туку ќе продолжат да придонесуваат преку Национален совет и Комитет на ветерани.
При одлуката за целосна промена на раководството, Ахмети, кој и понатаму ја држи лидерската позиција во ДУИ, рече дека сакал да ја примени својата филозофија, дека капетанот секогаш е последен што го напушта бродот. Но, до кога тој ќе го држи кормилото, не открива. Иако ова му е петти мандат на чело на партијата, Ахмети најавува дека ќе се повлече кога бродот ќе стигне до брегот, без да прецизира кога и каде е тој брег.
На пролет, партијата ќе одлучи и за својот идеолошки профил дали ќе се позиционира лево или десно на политичкиот спектар, што ќе отвори ново поглавје во нејзиното дејствување.
Ахмети на денешниот брифинг зборуваше за нивната нова политичка иницијатива со која предлагаат да се донесе Национален договор за напредок и повикуваат на консензус помеѓу партиите, да се собере храброст како и сите договори од минатото да се обединат околу овој документ.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
