Се уште се бара Македонецот кој исчезна во пожарот во Швајцарија, бројот на загинати се искачи на 47
Се уште се бара младиот Стивен Ивановски, кој исчезна за време на пожарот во бар во швајцарскиот ски центар Кран-Монтана. Негова блиска роднина за Сител вели дека се пребаруваат болниците во Франција и Италија. На прославата со Стивен била и неговата сестра, но таа успеала да излезе од барот меѓу првите и поминала само со полесни изгореници. Според информациите објавени на социјалните мрежи, Стивен бил облечен во бели панталони и бел дуксер. Оставени се и телефонски броеви за контакт доколку некој го видел.
Дополнителни новости засега нема ниту Владата.
- Последните информации кои ги добивме од надлежните институции се дека има една личност со македонско државјанство. Во контакт сме со швајцарските власти и полиција и очекуваме повеќе детали во однос на тоа, по што ќе ја информираме јавноста – рече портпаролката на Владата, Марија Митева.
Македонската амбасада во Швајцарија објави телефонски број за помош.
„Амбасадата на Република Северна Македонија внимателно ги следи случувањата во Кран-Монтана и е во состојба на подготвеност да им пружи помош на своите државјани. Во случај на потреба од асистенција, ве молиме контактирајте го итниот број на Амбасадата: +41 79 923 79 57“, велат од амбасадата.
Во меѓувреме, Македонија ѝ понуди помош на Швајцарија. Министерот за надворешни Муцунски телефонски разговарал со со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
- Изразив подготвеност нашата држава да прифати повредени пациенти и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во нашите здравствени установи. Дополнително, доколку има потреба, подготвени сме и македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да помогнат во процесот на лекување – вели Муцунски.
Од Министерството за здравство велат дека ги разгледуваат расположливите капацитети.
„Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија“.
Сочувство изразија и родителите на загинатите во дискотеката во Кочани.
„Со скршено срце ја примивме веста за трагичната несреќа во Швајцарија. Веста нè врати таму каде што болката никогаш не замина — во моментот кога животот засекогаш се подели на „пред“ и „по“. Ние, семејствата на починатите во пожарот во „Пулс“ – Кочани, знаеме што значи ненадејно да ти се урне светот. Знаеме како боли кога ќе остане празно столче, кога тишината зборува погласно од зборовите, кога секој здив е тежок. Нашите мисли, молитви и срца се со семејствата на загинатите, со повредените и со сите кои ја носат оваа незамислива болка. Стоиме на располагање за сè што можеме да помогнеме — со разбирање, со тивка поддршка и со срце што знае“, стои во ФБ објава на Здружението на граѓани „16 март 2025“.
А во Швајцарија прогласена е петдневна жалост. Бројот на загинати се искачи на 47, а над 115 се повредени. Од нив 80 биле во критична состојба. Граѓани се собираат во Кран-Монтана и им оддаваат почит на жртвите со положување цвеќе и свеќи.
- Имам блиски луѓе кои беа погодени. Мојата најдобра пријателка – сè уште немам слушнато од неа, сè уште не знам каде е. Тоа е шокантно. И тогаш сфаќаш дека ова навистина може да му се случи на секого. Животот не запира, мораме да продолжиме да уживаме во него, но ова е како шлаканица во лице, проверка на реалноста - вели студент од Франција кој живее во Швајцарија.
Швајцарскиот претседател Пармелин го опиша пожарот како еден од најтрауматичните настани во историјата на земјата.
- Настаните што се случија во овој јавен објект синоќа претставуваат катастрофа од невидени и ужасни размери. Многу животи, претежно млади луѓе, се изгубени. Околу стотина луѓе беа повредени, многумина сериозно, а зад овие бројки стојат лица, имиња, семејства, судбини брутално прекинати или засекогаш уништени – изјави швајцарскиот претседател, Ги Пармелен.
Пожарот бил многу силен и предизвикал тешки изгореници, што го отежнува идентификувањето на жртвите. Меѓу исчезнатите се неколку француски и италијански државјани и еден Србин, кој работел како обезбедување.
- Засега и во наредните денови, приоритет ќе биде идентификувањето на починатите, за нивните тела да можат да бидат вратени на нивните семејства што е можно побрзо – кажа началникот на швајцарската полиција за кантонот Вале, Фредерик Гислер.
- Болно сме свесни дека идентификацијата на телата, како и на повредените, може да потрае многу долго за семејствата на жртвите. Сакаме повторно да ја потврдиме нашата целосна доверба во тимовите и персоналот ангажиран, како во грижата за пациентите, така и во полициските тимови на лице место – рече претседателот на кантоналната влада, Матијас Рејнар.
Странските медиуми објавија фотографии и видеа на кои се гледаат млади кои држат голем број шишиња шампањ со прскалки. Пиротехниката на моменти се доближува близу дрвениот таван, обложен со сунѓери. Сведоци раскажуваат дека пожарот почнал токму од тој момент.
Сепак, главната обвинителка на кантонот, Беатрис Пилу, одби да ги коментира извештаите дека запалените прскалки се причина за катастрофата. Рече дека истрагата допрва треба да ги утврди точните околности, вклучително и тоа дали барот ги исполнувал безбедносните стандарди и дали имал доволно излези.
- Сè уште има многу околности што треба да се разјаснат, разгледани се неколку хипотези. Најверојатното сценарио во овој момент е тоа што станува збор за општ пожар што предизвикал експлозија. Сослушани се неколку сведоци, а пронајдени се и телефони за анализа – вели обвинителката Пилу.
Барот се наоѓал во подрум, со капацитет до 300 гости. Колку луѓе имало кобната ноќ, засега е непознато.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
