Македонија
12. January 2026 - 12:16

Карневалските свечености во Струмица годинава ќе започнат на 18 и ќе траат до 25 февруари

Карневалските свечености во Струмица годинава ќе се одржат од 18 до 25 февруари. Од Општина Струмица и карневалскиот одбор најавуваат богата програма со дел од традиционалните, но и бројни нови содржини. Според градоначалникот Петар Јанков, Струмичкиот карневал е настан што ги сплотува граѓаните, привлекува гости и ја афирмира Струмица како град на културата и креативноста и токму затоа од новиот организационен одбор очекува свеж пристап, квалитетна програма и поголема видливост на карневалот во земјата и надвор од неа.

Главната карневалска вечер е закажана за 21 февруари, кога, според најавите од организациониот  одбор, ќе продефилираат голем број карневалски групи од земјата и од странство. Пријавувањето за учество на домашните карневалски групи трае до 5 февруари, додека за странските групи рокот е до 15 февруари.

За одржување на годинашното издание на Струмичкиот карневал планирано е од општинскиот буџет да се издвојат 3,7 милиони денари, а се очекува и дополнителна финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.