Ќе има ли доволно пазарни инспектори за контрола на новиот закон за пушење?
129 пазарни инспектори контролираат над 40 закони низ цела Македонија.
Така пишува во полугодишниот извештај на ДПИ за првото полугодие лани. Новиот закон за пушење ќе им биде уште една обврска плус. Иако за него надлежни ќе бидат повеќе институции, пазарните инспектори ќе ги надгледуваат угостителските објекти.
Министерот за економија често знае да ги пофали дека биле вредни и направиле многу проверки, а поретко се зборува дека им требаат нови колеги. Дурмиши уверува дека се работи на тоа прашање – веќе се обучувале околу 40 нови работници.
- Минатата година отворивме нови работни места за ДПИ. Знаете дека на нив им треба менторство, им треба обучување една година за да може да бидат инспектори. Почната е постапката, ставени се нови кадри, кои до средина на оваа година претрпоставувам дека ќе ги исполнат условите за да бидат инспектори – изјави министерот за економија, Дурмши.
Дали ќе има потреба од ново засилување, Дурмиши вели дека ќе се види откако ќе почнат со работа оние што сега се подготвуваат.
А во меѓувреме, инспекторите продолжуваат со засилените контроли на цените и според Дурмиши, поради тоа немало драстично поскапување.
- Мислам дека веќе знаат и ја видоа ситуацијата дека не е како порано и има повеќе контрола и почнаа да работат како што треба – рече тој.
Дека е потребно зајакнување на кадровските капацитети на Државниот пазарен инспекторат, констатираше и Европската комисија во ланскиот извештај за напредокот на Македонија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
