СДСМ нема да ги гласа измените на Законот за прекршоци за Сејф сити
Опозициската СДСМ нема да гласа за измените на Законот за прекршоци, последниот закон потребен за проектот „Сејф сити“. Лидерот Венко Филипче вели иако проектот „Безбеден град“ бил започнат во нивно време, сега нема да го поддржат поради сомнежи за можна злоупотреба на личните податоци.
Откако вчера ДУИ даде поддршка, гласовите на пратеничката група на СДСМ повеќе не се неопходни за законот да помине во Собранието. Сепак, Филипче и во ова гледа политички пазар.
Од коалицијата Вреди со критики до ДУИ, обвинувајќи дека неколкупати го менувале ставот за Законот за прекршоци.
„На граѓаните им се потребни институции што функционираат, а не партии што играат пинг-понг со јавниот интерес. ‘Безбедниот град’ не е тема за дневна политика, туку тема за ред и спасување животи.“
Неизвесен останува ставот и на пратениците на Арбен Таравари, кои денеска од парламентот реагираа дека СМС-пораките од „Сејф сити“ не биле на албански јазик и дека казните се превисоки и насочени кон полнење на буџетот.
Гласањето за измените на Законот за прекршоци е најавено за петок. Поддршка засега има од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди, како и од опозициските Левица и ДУИ, со што е обезбедено двотретинско мнозинство.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
