Седум и пол години затвор за обид за убиство на бабата и шурата
На затворска казна од седум години и шест месеци е осуден зетот од карбинското село Таринци, кој во август извршил брутален напад врз членови на семејството на својата сопруга. Основниот суд во Штип ја објави пресудата со која обвинетиот С.К. е прогласен за виновен за кривично дело убиство во обид, односно дека се обидел да ги лиши од живот мајката на неговата сопруга и нејзиниот брат.
-Судот, врз основа на изведените докази, сведочењата на оштетените и медицинската документација, утврди дека обвинетиот со своето дејствување покажал умисла и свесност за последиците од нападот, поради што го огласи за виновен и му изрече затворска казна во траење од седум години и шест месеци, а воедно му е продолжена мерката притвор до отпочнување на извршување на казната, информираат од Основен суд - Штип.
Настанот се случил на 3 август годинава, во дворот на семејната куќа во населбата Баби во Штип. Според утврдената фактичка состојба, ден по враќањето од Германија, обвинетиот заедно со својата сопруга и нивните малолетни деца присуствувал на семеен собир кај нејзините родители. По претходна вербална расправија, конфликтот ескалирал во сериозен физички напад.
Oбвинетиот употребил различни предмети, меѓу кои дрвени палки, секира и метална цевка, при што им биле нанесени тешки телесни повреди. Повредените лица биле пренесени и згрижени во здравствена установа, каде им била укажана лекарска помош. Во своето обраќање пред Судот, С.К. изјави дека не се чувствува виновен, тврдејќи дека не ги сторил кривичните дела кои му се ставаат на товар од страна на обвинителството.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
