Македонија
22. January 2026 - 16:32

Превозниците во паника – не депортираат од Унијата како криминалци

Македонските превозници во понеделник ќе ги блокираат 9-те гранични премини кон Бугарија, Грција, Албанија и Косово. Точно на пладне, заедно со колегите од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина ќе ги паркираат камионите на транспортните терминали на границите, најавувајќи целосна блокада на товарниот сообраќај кон Европската Унија.

Превозниците се незадоволни од новиот систем за влез и излез во земјите од Шенген зоната, со кој им се ограничува времето за престој на само 90, односно 180 дена годишно. Транспортерите некогаш транзитираат низ 5,6 држави за да ја испорачаат пратката. Не можат да бројат денови, кога не зависи се од нив, велат од Асоцијацијата на превозници. Штетите со 7 дневните блокади ќе бидат незначителни во споредба со она што ќе се случува после 10 април, кога огромни загуби ќе брои цела економија.

- Не станува збор само за превозниците, за извозните компании, туку штета ќе имаат и странските фирми кои работат во земјата, па и цела економија. Ќе има нарушување на синџирот на испорака на репроматеријали. Голем дел од транспортот чини од 1,500 до 2,000 евра, ќе нема кој да вози и цената ќе порасне најмалку 3,4 пати, изјави Билјана Муратовска, претседател на Макам-транс.

Конзорциумот од Босна и Херцеговина објави дека до сега 100-тина транспортери биле депортирани од земјите на Унијата, а на присилно враќање чекаат уште 100 превозници. Депортирани се и македонски камионџии, но не во толкав број, вели Муратовска

- Возачите ги третрираат како криминалци,  ги затвораат, камионите ги остават необезбедени на некој паркинг, со полициска придружба го носат на аеродром, авионски да се вратат и сите тие трошоци паѓаат на товар на превозникот,  додава Муратовска

Превозниците неколку пати пратиле писмо до Европската унија, со кое бараат иземање од новите правила за професоналните возачи. Но одговор се уште не добиле.