Македонија
2. February 2026 - 16:38

МВР ги брои казните од Сејф сити, граѓаните велат се вози преспоро, други пак задоволни од системот

Сејф сити системот веќе втор ден е во функција, камерите на сообраќајниците ги фаќаат возачите кои возат над дозволеното, поминуваат на црвено, не им е регистрирано возилото или непрописно паркираат. 

Сликата по улиците е забавена, возилата возат можеби дури и преспоро, велат дел од возачите. Кај некои се јавува револт бидејќи доцнат, на други пак им одговара побавното возење кое ги штити од казни, но им дава гаранција за безбедноста. 

Таксистите пак се плашат дека Сејф сити системот ќе им ја намали работата. Оние кои чекаат такси, можеби ќе го откажат и повикот, ако чекаат предолго бидејќи по улиците се вози побавно. Но други пак сметаат дека нема да им влијае на работата. 

Колку казни се изречени во првите 24 часа откако функционира Сејф сити системот, официјални информации од МВР нема. Дали има проблеми со камерите, но и поплаки од граѓаните, исто е нејасно. Последните информации се од министерот Тошковски, од синоќа, дека до 20 часот се регистрирани околу 500 сообраќајни прекршоци, а бројката е драстично намалена од првиот ден кога стартуваше тест периодот на системот. 

И додека долго најавуваниот систем на МВР кој треба да спасува човечки животи по улиците се чекаше да стапи во функција, полицијата на терен изминатиов месец казнуваше за прекршоци. Во јануари полициските службеници напишале околу 16.000 казни. 

Најголемиот дел од нив се за возачите кои возеле пребрзо. Но покрај казни полицијата уапсила и 74 лица поради безобѕирно управување со возило, најголем дел од нив возеле под дејство на алхохол, а другите под дејство на дрога, но имало и такви кои возеле во забранет правец. 

4.000 казни се издадени и за неправилно паркирање, а само во месец јануари полициските службеници фатиле и 1.611 возачи кои возеле без дозвола. Но не само возачите, минатиот месец казни имало и за 184 пешаци кои не ги почитувале сообраќајните правила.