МАНУ анализираше какви кандидати за судии и обвинители ќе се примаат
Без психолошки тест и тест за интегритет, бидејќи нема акредитирана институција за тоа, без задолжителен просек од факултет, но со построга проверка на стручното знаење и со пишување обвинителен акт или пресуда ќе се бираат идните судии и обвинители. Новиот Закон за Академијата за судии и обвинители денеска е на стручна анализа во МАНУ.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители се надева на подобри кандидати, но дали ќе се добијат подобри судии и обвинители, неподложни на непотизам и корупција, ќе зависи од нив самите.
Колкав број кандидати за судии и обвинители ќе се запишуваат на Академијата ќе зависи од реалните потреби. Секое апелациско подрачје секоја година ќе треба да доставува број на нови правосудни кадри што ќе им бидат потребни за по две години.
Законот за Академијата е дел од реформските закони од областа на правосудството. Веќе е поставен на ЕНЕР, а се очекува до крајот на март да помине и на владина седница и да го започне собранискиот филтер.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
