Филипче пресмета од каде да се скрати за да се најдат пари за минималец од 600 евра
Пари има, а ако добро се распоредат, тогаш минималец од 600 евра може да стане реалност. Лидерот на СДСМ направи математика и ѝ предложи на власта од каде да скрати за да обезбеди пари и за повисока минимална плата и за субвенционирање на придонесите, како помош за приватните компании.
Според Филипче, потребни се 120 милиони евра. Ако од категоријата „стоки и услуги“ се скратат до 30% тогаш може да се добијат 130 милиони евра. Дополнително, со 20 процентно намалување од „субвенции и трансфери“ излегуваат уште 75 милиони евра. Вкупно, од двете категории, може да се ослободат до 205 милиони евра.
-Со ова практично сметам дека е јасно дека нема простор за изговори. Ако владата сака тогаш ова кратење може да се направи само во овие две ставки на Буџетот. Нека дадат предлог за ребаланс веднаш ќе го поддржиме во Собранието. Не може да се планира пари само за луксузирање, за патување, а да нема пари за основните потреби на работниците – рече Филипче.
Дали е ова прифатливо, прашавме во Министерството за финансии.
-Доколку во Собранието се прифати такво законско решение, во Министерството за финансии ќе се пристапи кон обезбедување средства за реализација на законските обврски – велат од Финансии за Сител.
Од друга страна, Филипче ја поддржува иницијатива која вчера ја поднесе ССМ во Собранието за намалување на функционерските плати за 80%.
-Нема проблем. Апсолутно поддржуваме иницијатива за која треба да се дебатира и ќе ја поддржиме, еве јас лично и целата пратеничка група и тоа нека биде јасно дека е партиски став, намалување на функционерските плати – вели претседателот на СДСМ.
Платите на над илјада функционери ги одмрзна Уставниот суд во времето кога СДСМ беше на власт и тогаш како Влада речиси цела година не направија ништо за да ги намалат. Дури кога дојде време за следно зголемување со брзи измени на неколку закони ги спуштија коефициентите за пресметка, но и покрај тоа платите пораснаа.
Сега СДСМ како опозиција сака замрзнување на функционерските плати, a по синдкалниот протест поднесоа и закон за зголемување на минималецот.
Инаку 600 евра минимална плата е барање на Сојузот на синдикати на Македонија и поради тоа следната недела ќе бидат блокирани Собранието, Стопанската комора и Владата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
