Македонија
11. February 2026 - 12:14

Реална училишна компанија, од клупа на практична работа

Во регионалното Државно средно училиште „Коле Нехтенин“ во Штип ќе се отвори училишна реална компанија. Во компанијата ќе работат учениците од електромашинската и угостителската струка, кои преку пракса ќе стекнуваат реални знаења и вештини.

-Училиштето ќе има своја компанија, која ќе функционира како посебен правен субјект, што ќе треба да остварува посебен приход, да ги понуди своите можности и да биде еден вид помош на компаниите, да зема работа од нив и од тоа да оствари приход за училиштето, изјави Јованка Шалева, директорка на ДСУ „Коле Нехтенин“- Штип.

Заради потребите на стопанството и за тоа каков квалификуван млад кадар им е неопходен, општината организира средба помеѓу директорите на штипските средни училишта и бизнис секторот.

-Покануваме преставници од повеќе институции кои ги презентираат своите наоди за тоа каква е побарувачката на пазарот на трудот, односно,  кои се потребите и на кој начин треба средните училишта да одговорат на тие потреби, изјави Снежана Санева, раководител на сектор за јавни дејности, ЛЕР и образование, ЛС-Штип.

Наставната програма мора да биде прилагодена и надополнета со практична обука.

-Преку целата година имаме ученици кои доаѓаат на пракса и тоа е веќе готов кадар кој подоцна може да се вработи во нашиот сектор, изјави Маја Балова Јованова, претставник на приватна компанија.

-Да воспоставиме практичен однос со самите компании, за да можеме да размилуваме за отворање на нови смерови во нашето училиште, изјави Марина Варадиновска, директорка на средното текстилно училиште “Димитар Мирасчиев“- Штип.

Средното медицинско училиште „ Јане Сандански“ во моментот има 16 паралелки вклучени во дуалното образование, кои реализираат практична настава во јавното и приватното здравство.