Македонија
12. February 2026 - 16:33

ССМ на блокада пред Стопанската комора

Синдикатот повторно на блокада, овој пат пред Стопанската комора. Барањата се познати – 600 евра минимална плата и 100 евра линеарно покачување на сите плати.

-Тука сме кај газдите, кај истите оние кои ги избркаа цели наши семејства во странство. Кај газдите кои одбиваат да ја зголемат минималната плата и одбиваат да ги зголемат платите само затоа што законот не се променил. Кај газдите кои се слепи послушници на Владата, а Владата веќе кажа дека си се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

За слабиот одѕив на блокадата од Синдикатот велат дека е виновна власта бидејќи ги следела и заокружувала сите што излегувале на протести, а за блокирање на улици согласно закон потребни се 21 човек. Но велат, на следните протести ќе има поголема масовност.

-Доколку не се одважат газдите, да дел од колачот си го дадат на вработените коишто им го овозможиле во минатото тој профит, ќе бидеме принудени да бидеме секојдневно на улици со нив, со блокади, со шатори и секој еден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме. Напоменувам, потсетувам и за сите што не слушнале досега, условите за работа и платите во приватниот сектор се повеќе од мизерни, повеќе наликуваат на социјална помош отколку на плата достоинствена за живот, рече Иван Пешевски, претседател на Синдикатот на градежништво.

Премиерот Мицкоски обвинува – протестите и блокадите на синдикалците се политички мотивирани.

-Деновиве ќе видите кои се луѓето кои протестираат и на кои политички партии припаѓаат, еден по еден. И ќе и стане јасно на македонската јавност дека улиците и булеварите практично се блокирани овие денови од луѓе кои се партиски активисти, членови на Конгрес на политички партии, општински организации итн. Она коешто може Владата да го направи е да ги искористи законските механизми и сега ќе бидат платите нивелирани, односно ќе биде покачена минималната плата согласно законот. А, како работодавач, владата се договори со своите колеги и речиси со 99% од вработените коишто се наши колеги ние имаме колективни договори до 2028 година, рече Мицкоски.

Идниот вторник ССМ ќе ја блокира Владата. Потоа најавуваат голем протест во неработен ден на кој ќе има и организиран превоз за работниците од внатрешноста на државата.

Доколку ниту тоа не доведе до зголемување на минималната плата на 600 евра, тогаш ССМ ќе прогласи генерален штрајк, како во јавниот, така и во приватниот сектор – за првпат во историјата на државата.