Мис Стон добива спомен соба во Василево, а патеката по која се движела ќе привлекува туристи
Американската мисионерка Мис Стон ќе добие спомен соба во селото Градошорци, во Општина Василево, а историската патека по која се движела ќе стане дел од туристичка рута во прекуграничниот регион меѓу Македонија и Бугарија.
Ова се дел од содржините на заедничкиот проект насочен кон развој на културно историскиот туризам и валоризација на локалното наследство.
Во рамки на проектот ќе биде реконструиран и домот на културата во Градошорци, каде ќе се уреди посебен простор посветен на престојот на мисионерката во регионот и на историските настани поврзани со неа.
Проектот се реализира во рамки на прекугранична соработка со општина Кресна Бугарија и вклучува развој на културно историски и вински туризам, како и унапредување на инфраструктурата за создавање четирисезонска туристичка понуда. Вкупната вредност на проектот за Општина Василево изнесува 302.357 евра. Од таа сума, 15 проценти се обезбедени како национално кофинансирање преку Министерството за локална самоуправа, додека останатите средства се обезбедени во рамки на програмата за прекугранична соработка.
Ова не е единствениот проект во Општина Василево што добива поддршка од Министерството за локална самоуправа. Преку двата јавни повика за инфраструктурни проекти во општините, за Василево кумулативно се одобрени шест проекти во вкупна вредност од 115.680.175 денари.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
