Македонија
5. March 2026 - 12:18

Беровскиот компир скапува во подрумите, земјоделците најавуваат протести

Беровските земјоделци повторно алармираат, доколку итно не започне откупот на беровскиот компир, најавуваат протести. Подрумите се полни со домашен компир кој скапува, а на сметка на тоа се увезува поевтин, но и не толку квалитетен. Според нив, токму увозот е главната причина поради која домашното производство останува без пласман. 

- Сега ако не се продаде компирот мора да излеземе на протести за да се најде начин за продажба. Компирот ни стои, треба да нема увезен компир да се продаде нашиот компир. Имам 15-16 тони, но треба да го фрлам, не можам да го продадам, изјави Стојан Стоилковски, земјоделeц од с. Митрашинци, беровско.

Проблемот, како што посочува Стоилковски трае со години. Иако реагирале до надлежните институции и тие се запознаени со состојбата, конкретни мерки засега нема. Дел од земјоделците веќе ги намалуваат површините или ги оставаат нивите необработени, бидејќи немаат сигурност дека ќе можат да го продадат произведеното.

- Три, четири години е овој проблем. Се, помалку се сади, но и тоа не може да се продаде. Сега ќе мора воопшто да не садиме, изјави Стоилковски

Големите трговски ланци увезуваат по цена  од 20 до 25 денари за килограм, а домашниот беровски компир се продава по цена од 30 до 35 денари, но и со тоа едвај се покриваат производствените трошоци.  Без сигурен пласман не можат да набават ѓубриво, ниту да ги покријат основните трошоци за нова производна сезона. За многумина компиропороизводството е единствениот извор на егзистенција.