Македонија
20. March 2026 - 12:17

Прилеп наскоро ја добива првата линија за секундарна селекција на отпад во Македонија

При крај е пуштањето во употреба на првата линија за секундарна селекција на отпад во Македонија, која што е изградена во близина на прилепската депонија кај Алинци. Прилеп е единствениот град на Балканот кој 100% ја има имплементирано примарната селекција, а со овој чекор Прилеп ќе ја зацврсти лиерската позиција во државава за селекцијата на отпад. Линијата е скоро целата веќе инсталирана.

„Дојдовме до напојувањето со електрична енергија, се договоривме со ЕВН Македонија за да се направи приклучок на посебен корисник, договоривме динамика на работите и за брзо би се почнало. Ги добивме сите дозволи за прокоп за да се постави кабел во должина од 2 километри, од најблиската трафостаница. Имаме уште дел средства во резерва на сметката од средствата кои стигнаа од Министерството за животна средина за изградба на фабриката од тие 90 милиони денари, дел би се искористиле за тоа, дополно таа фабрика да се огради и да се постави видео надзор. Зборувам во контекст дека би се зголемила безбедноста и на самата депонија“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Во 2027 година се планира да профункционира Регионалната депонија во Новаци каде отпад ќе носат 18 општини, а отпадот ќе се плаќа по тон. Значи колку повеќе една општина селектира отпад, толку помалку во иднина ќе плаќа за депонирањето на отпадот во Новаци.

„Тогаш како граѓани ќе имаме најмала сметка за плаќање заради селекцијата на отпадот, кога ќе ја пуштиме во функција би можело заради капацитетот кој го има оваа фабрика да ја користиме и комерцијално, односно на други општини да им нудиме селекција на отпадот кој треба да се одлага, затоа што одлагањето на отпадот на регионалната депонија би се плаќал во иднина по тон одложен таму. Ние сериозно ги имаме намалено“, додаде Проданоски.

Веќе Прилеп доби нови 8.000 корпи за селекција на отпадот како и 120 контејнери за јавно прометните површини, а ќе добие и 9 возила за собирање на отпад од проектот за Регионална депонија.