Македонија
4. April 2026 - 16:43

Одбележан 4 април, Денот на тутунските работници - се бара поголема поддршка од државата

Сојузот на здруженија на тутунопроизводители на Македонија во Прилеп го одбележа 4 април, Денот на тутунските работници. На денешен ден во 1873 година во Прилеп е отворен првиот магацин за откуп на тутун, со што тутунот од тогаш на голема врата влегува во Македонија. Но денес тоа производство е нестабилно, иако има сигурен пласман, зависи од цените кои секоја се различни. Поради тежината на обработка за жал го обработува само средната и постара генерација, а младите го избегнуваат. Токму затоа, како значајна стратешка култура која носи над 200 милиони евра девизен приход и од која зависат над 80.000 граѓани, тутунопроизводителите бараат поголема заштита и поддршка.

„Младите го избегнуваат одгледувањето на оваа култура затоа што истата е макотрпна работа, сите бараат полесна работа и затоа за да се одржи ова производство многу е важна да има исплатлива цена, цената е основна призма за да може младите да се зафатат со продолжување на производство на оваа култура“, истакна Илија Тотески, претседател на здружение на тутунари „Братство“ од Крушево.

Во моментов тутунот заедно со субвенциите се плаќа по 500 денари за килограм и покрај големите предизвиците сепак е најисплатливата земјоделска гранка. Тутунарите бараат зголемување на цената, ако сакаме негов развој, но исто така бараат и проценка по класи, а не целото производство да се купува во една класа.

„Затоа не може откуп на тутун да трае 25 дена. Се знае откупот трае 90 дена. А тутун има во Долнени уште од 200 до 250 тони, што да прават сега тие луѓе каде да го предаваат“, изјави Муса Ибраимоски, Претседател на Сојуз на здруженија на тутунари.

Тутунарите не се задоволни и со понудените цени за новата реколта од страна на откупувачите, и ќе бараат промени со анекс на договорите пред почетокот на откупот.