Македонија
2. јуни 2026 - 12:14

Седум и пол години затвор за жената која ги уби сопругот и свекорот во Кратово

Седум и пол години затворска казна за Вангелица Илијевска, која пред 2 години во Кратово ги уби сопругот Јован и свекорот Стојан. На последното рочиште јавното обвинителство изврши преквалификација, од кривично дело „двојно убиство со умисла“ во „две убиства на миг“. Тоа всушност цело време го тврди одбраната, која преку 75 докази, материјални и вербални, се обидуваше да докаже дека обвинетата делувала во состојба на силна раздразнетост и уплав, предизвикано од напад при семејно насилство. 

- Конечно, после две годишна правна битка ОЈО Куманово ја прифати оваа теорија на одбраната, поради што, а по извршената преквалификација, одбраната побара одлагање на главната расправа, за да ги објасни правните последици од ваквото постапување на обвинтелството. По заедничка консултација со обвинетата одлучивме да ги признаеме овие 2 кривични дела кои одговараат со самиот немил настан, изјави Христијан Георгиевски, адвокат на Илијевска

За првичното обвинение на Илијевска и претстоеше казна од 10 години до доживотен затвор, но сега времетрањето на издржувањето се намалува.

- Судот изрече по 4 година и 6 месеци за секое од двете „убиства на миг“ и изрече единствена казна затвор во помал збир од 7 години и 6 месеци за двете кривични дела. Најнискиот законски минимум за ова кривично дело е по една година за секое „убиство на миг“. Во секој случај, имаме целосна доверба во Судискиот совет и повисоките судови, така што по добивањето на писмено изработената пресуда, ќе одлучиме како да постапиме понатаму, додаде Георгиевски

Илијевска е мајка на две малолетни деца, кои живеат кај роднини во Кратово, под надзор на Центарот за социјални работи.