Македонија
19. јуни 2026 - 16:32

Граѓаните да инвестираат во Чербен, наместо да купуваат станови - предлог на Ристов

Чебрен да се гради по „народен модел“. Наместо парите да ги вложуваат во недвижен имот, граѓаните би можеле да станат инвеститори во еден од најголемите енергетски проекти во земјата. Ваква идеја промовираше првиот човек на Регулаторна, кој смета дека е време граѓаните директно да се вклучат во финансирањето на стратешките инфраструктурни проекти.

„Граѓаните наместо да ги заробуваат парите во бетон и железо – станови, да имаат можност да учествуваат во изградбата на ХЕЦ Чебрен“, истакна Ристов.

Според него, реализацијата на капиталните енергетски проекти не мора да се потпира исклучиво на кредити и задолжувања. Како дополнителен модел за обезбедување средства, тој предлага формирање акционерско друштво преку кое граѓаните би можеле да купуваат акции и директно да учествуваат во финансирањето на проектот.

„Енергетиката не е привилегија само на државата, туку можност за сите. При реализација на стратешките објекти, освен класичното кредитирање, треба да се разгледа и можноста за воспоставување модел на акционерско друштво, каде граѓаните ќе може да бидат дел и наместо да купуваат недвижности, да може да ги инвестираат парите во акции преку кои ќе се финансира изградбата“, нагласи Ристов.

Премиерот Мицкоски кажа дека државата е блиску до одлука проектот да го финансира ЕСМ со заем од странски банки. Вредноста се проценува на околу 1,5 милијарди евра.  

Чебрен е проект кој со децении се најавува, но досега ниту една влада не успеа да го реализира. Во изминатите 20 години пропаднаа 14 тендери за негова изградба.