Македонија
3. August 2026 - 12:11

Милионска санација за штипската болница

Неколку милиони денари ќе бидат потребни за реконструкција на кровот на Клиничката болница во Штип, кој беше оштетен и однесен при силното невреме со оркански ветер што го зафати градот, кога беа измерени налети од 134 километри на час. Заменик-директорката на болницата, Билјана Ефтимова, информираше дека конечната проценка на штетата ќе биде позната по извештајот на осигурителната компанија. 

- Чекаме извештај од осигурителната компанија и уште една проценка, затоа што после првиот чин од невремето, секако се појавуваат и други делови и работи кои треба да се реконструираат. Тоа се однесува на кровот на третиот спрат, каде што е сместено Ортопедското одделение и ортопедската сала, како и Единицата за интензивно лекување и Кома центарот. Тие се оштетени, бидејќи останаа без кров. Но, секако ќе биде во милиони, во денари зборувам- изјави Биљана Ефтиомова, заменик директор на КБ-Штип

Штипска клиничка има дел сопствени средства за реконструкција, а Министерството за здравство ќе ја следи состојбата во болницата и, согласно проценката на штетите, ќе го обезбеди остатокот од средствата, со цел работите да завршат навреме и Одделението за ортопедија што поскоро повторно да биде ставено во функција. Во однос на кадровската екипираност на болницата, од Министерството најавија дека ќе биде обновен повикот за вработување специјалисти, бидејќи дел од кандидатите веќе се вработиле. Приоритет ќе имаат клиничките центри и болниците надвор од Скопје, а целта е да се направи усогласување меѓу потребите на здравствените установи и интересот на специјализантите, по што ќе се утврди и бројот на нови специјалисти што ќе бидат ангажирани во Штип и во другите општи и клинички болници во земјата.