Македонија
3. August 2026 - 16:36

Муцунски: Владата работи на трајно решение за одблокирање на евроинтеграциите

Владата води дискретни разговори со ЕУ за трајно решение кое ќе ги дебокира интеграциите, вели Муцунски во интервју за МИА.

И покрај тоа што детали во јавноста не можат да се соопштат, мининстерот уверува дека тајноста на разговорите не значи и попуштање од веќе зацртаните црвени линии.

- Разликата помеѓу оваа Влада и претходните влади е што ние не сме подготвени за попустливост по прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и затоа ние често зборуваме за тоа дека има разговори. Ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори, бидејќи ако почнеме со јавноста да ги споделуваме, тогаш ги осудуваме на неуспех. Но, граѓаните треба да бидат спокојни дека нашата Влада јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно нацртани црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара. Така што работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение коешто само по себе нема да биде одржливо и коешто ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега, вели Муцунски во интервју за МИА

Муцунски вели дека Владата остнува посветена на реформите особено во делот на правосудството и борбата со корупцијата, за што потврда ќе стигне и во најновиот извештај на ЕК за напредокот на земјата. Критики упати кон опозицијата

- Ако ме прашувате дали ни е потребен консензус одговорот е - да, без никаква дилема. Но, тука прво опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста, а реалноста е дека нејзината попустливост и немањето капацитет далекусежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година не доведе до оваа позиција до којашто сме сега. Имаат легитимно право, па јас би рекол скоро за се да дадат и критика и став. Тоа е и функцијата на опозиција во една парламентарна демократија, нели, да критикува, да дава инпут. Но, во делот на надворешната политика сметам дека тоа е областа каде што треба да се извинат на граѓаните за сите грешки кои што ги правеа во тој седумгодишен период од владеење и да дадат безрезервна поддршка на Владата за да може да ги поврати позициите на државата и да може да работи за создавање систем каде што конечно ќе имаме предвидливост по европскиот пат, вели Муцунски

Не постои земја во светот во која министер за надворешни работи јавно кажува дека води разговори за судбината на државата - но тие се тајна, реагираат од СДСМ

- Како може иднината на Македонија да биде тајна за нејзините граѓани? Претходната влада на СДСМ, покрај дипломатските успеси (НАТО и почеток на преговорите со ЕУ), беше пред сѐ транспарентна. Не работеше зад затворени врати и далеку од очите на јавноста, стои во писменото соопштение на СДСМ.