Возила на пазарна скапуваат по депоата на „Пајак“ оти Инспекторатот нема паркинг
Возила на Државниот пазарен инспекторат скапуваат по депоата на Пајак службата бидејќи нема паркинг, па инспекторите ги оставале каде ќе најдат место. Одземената стока ја чувале по канцеларии и службени возила бидејќи Инспекторатот нема посебен објект за чување на одземените предмети. Државниот завод за ревизија објави неповолен извештај за работата на ДПИ за 2024 година. Инспекторите иако имале обврска, таа година ниту еден предмет не доставиле до Агенција за управување со одземен имот.
-Не наидовме за 2024 година дека се дадени во Агенцијата такви предмети, а ризикот на чување на овие предмети во деловните простории или во возилата се наметнува од самиот процес на спроведување на надзорот. Ноќно време нема кој да ги прими, итн. Но ние укажавме од уништување на тие предмети и докази. Некој може да запали возило, да подметне пожар, да се оштетат, или несовесно ако се постапува со тие предмети, после одредено време може да се уништат како докази во натамошна постапка, вели помошникот државен ревизор, Катица Николовска.
ДПИ кубури со кадар. Од планираните 313 инспектори, реално работат само 148. Во текот на 2024 година биле донесени решенија за распоредување на 19 службеници на позицијата инспектор, но бидејќи тоа било направено без согласност и пари од Министерството за финансии, 17 од овие службеници на крајот на годината биле вратени на нивните претходни, пониски работни места.
Дополнително, одделението за надзор на безбедност на производи има само петмина, наместо 14 вработени. Лабораториските испитувања се прават исклучиво во странство бидејќи во Македонија нема акредитирана лабораторија. Анализите се плаќаат исклучиво од странски донации, а според ДЗР, донаторските проекти ќе секнат во 2028.
Со измени на законите кога беше формирана оваа Влада, наместо како посебен правен субјект, и ДПИ, но и сите останати инспекторати станаа обични органи во состав на Министерствата. Тоа е спротивно на препораките на Европската Комисија, а Николовска смета дека на тој начин се нарушува независноста во работењето.
- На тој начин се ограничува независното постапување и работење. Не во смисла дека нема да ги вршат своите надлежнпости во инспекциските надзори, меѓутоа можат да бидат ограничени заради ограничен буџет, недоволно обезбедени средства, итн, коишто директно влијаат на самата работа, вели Николовска.
По препораките на Државната Ревизија, Николовска вели дека раководството почнало процес на решавање на проблемот со паркинг просторот за возилата на Инспекторатот, но и дека е најден начин службениците повторно да се вратат на инспекциските работни места.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
