Македонија
24. September 2026 - 16:45

Царина разоткри шверц на 70 милиони парчиња цигари, оштетен државниот буџет за над шест милиони евра

Масовна шверцерска шема на цигарие разбиена во обемна полициска акција, откако околу 70 милиони парчиња нелегални цигари завршиле во промет во Македонија, нанесувајќи му штета на државниот буџет од над шест милиони евра. Според директорот на Царинската управа, ваква крупна акција за спречување шверц на цигари не е забележана од осамостојувањето на државата. Меѓународниот канал функционирал со директна помош од внатре, возилата на транспортните компании поминувале преку граничните премини со асистенција на потплатени цариници и полицајци. Имало повеќе шеми како цигарите завршувале во Македонија. Во еден случај, цигарите се истоварале во Македонија, а на излез камионите лажно се евидентирале како полни. 

Во друг случај, камионите влегувале целосно нерегистрирани, заобиколувајќи ги сите царински контроли. Досега се поднесени кривични пријави против 18 лица, меѓу кои тројца полициски службеници, четворица цариници и три фирми. 

Од Обвинителството за гонење организиран криминал потврдија дека е  во тек акцијата под кодно име Филтер 2, каде што утринава се вршеа претреси на 20 локации, а уапсени се 13 лица. Тројца се надвор од државата и се чека да се пријават во полиција при влез во Македонија. 

Акцијата е резултат на криминалистичка истрага поради постоење основано сомнение за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои Криумчарење и Царинска измама при што е предизвикана штета на државниот буџет од големи размери.

На оваа акција царинската управа работела околку една година, а сознанијата за шверц на цигари пристигнувале и од регионалните царински управи.