Светска банка ја зголеми прогнозата за растот на македонската економија на 3,2 отсто
Светска банка ја зголеми прогнозата за економскиот раст на Македонија годинава на 3,2 отсто, од претходно предвидените 2,9. Според октомврискиот извештај на Светска банка, растот ќе продолжи и во следните две години – по 3 проценти. Главен двигател се инфраструктурните проекти.
Сепак, во пошироката анализа, Светска банка предупредува дека Македонија се побавно му се приближува на европскиот стандард.
Причината е што веќе не е доволно само да се инвестира повеќе, туку парите да се вложуваат во проекти што ќе донесат поголемо производство, подобри работни места и повисоки плати.
Еден од најголемите проблеми е недостигот од работници. Невработеноста се намалува, но компаниите сè потешко наоѓаат кадар со потребните знаења и вештини.
„Стапката на млади луѓе кои ниту се вработени, ниту се во образование, ниту се во процес на обука е многу висока — меѓу највисоките во регионот и во споредба со земјите од ЕУ. Зборуваме за речиси 30%, односно 27% од младите кои, веднаш по завршувањето на образованието, не се вклучуваат на пазарот на трудот, ниту продолжуваат со понатамошно образование“, рече Сања Маџаревиќ-Шујстер од Светска Банка.
Проценките се дека до 2070 година бројот на работоспособни луѓе во Македонија би можел да биде повеќе од двојно помал. Затоа, од Светска банка велат дека земјата ќе мора со помалку работници да создава повеќе – преку подобро образование, нови технологии и поголема продуктивност. Како пречки за развојот ги посочуваат и слабата конкуренција, корупцијата и проблемите во институциите.
Премиерот Мицкоски, пак, реформите ги гледа и преку подобра контрола на јавните пари. Како пример кажа дека досега се откриени над 4 и пол илјади лажни корисници на социјална помош.
„По спроведена детална анализа, но и проверка на терен, во споредба со истиот месец минатата година е помала за 200 милиони денари. Е, сега, сигурно си го поставувате прашањето „Како е тоа можно?“ Можно е затоа што корисници биле, за жал, починати, отселени, лажни луѓе и така натаму. Значи, ние од буџетот сме трошеле повеќе од милијарда-милијарда и пол фиктивно на корисници за гарантирана минимална помош и социјална сигурност. Уште не сме дошле до другите корисници“, рече тој.
Светска банка предупредува дека без реформи, економскиот раст до 2050 година може да падне на 2,4 отсто годишно. Со реформи, растот би можел да достигне 3,8 отсто, што би значело околу 250 илјади нови работни места и до 20 отсто повисоки плати.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
