Македонија
6. October 2026 - 16:31

Остри реакции по најавата на Комората за кратење на празниците - против и МПЦ-ОА

МПЦ-ОА застанува против иницијативата на Стопанската комора на Македонија за намалување на бројот на неработни денови. Од Црквата велат празниците и неработните денови за верниците не може да се мерат само низ економската призма, бидејќи зад нив стојат духовни, историски и општествени вредности.

-Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија смета дека таквиот пристап не ја согледува вистинската смисла и значењето на празниците за македонскиот народ. Празникот – како свештено време определено за споменување важни настани или личности од црковната историја, а со тоа и можност за оттргнување од секојдневните грижи, за приближување кон Бога и кон ближните – несомнено претставува живо сведоштво за верата, за духовното и културното предание, како и за вековната поврзаност на нашиот народ со Црквата. Затоа, нивното значење не може – а и не треба – да се сведува единствено на прашање на работна организација и економска продуктивност.

Ниту премиерот Мицкоски не се согласува со одземање на стекнатите права на работниците.

Жестоко реагира и Мрежата за заштита од дискриминација. Бараат неработните денови и останатите работнички права да останат законски загарантирани, а не предмет на индивидуално договарање.

-Ниту работодавачите ниту Стопанската комора треба да проценуваат кој е „доволно верник“ за да користи празник. Работниците не треба да ги оправдуваат своите уверувања, ниту да објаснуваат како го поминуваат слободното време и каде ги трошат заработените пари. Бараме Владата да ги заштити постојните права и да не прифаќа нивно префрлање од законска гаранција во индивидуално договарање. Бараме да се зачува и постојната заштита за неработниот ден кога празник паѓа во недела.

Наместо кратење на неработните денови, фокусот треба да биде на растот на платите и животниот стандард, реагира СДСМ.

-Поголема продуктивност се постигнува со инвестиции, подобра организација и мотивирани, соодветно платени работници.  Сведувањето на економската дебата на бројот на неработни денови во услови кога луѓето едвај врзвуваат крај со крај, кошничката е 90 илјади денари а платите најниски во Европа ја избегнува сутшината за овие прашања.

Стопанската комора на Македонија најави дека преку измени на законот за празници, ќе бараат максимум 13 неработни денови годишно за секој вработен. Работникот би избрал кои два дополнителни празници ќе ги користи како неработни, а празник што паѓа во недела повеќе да не се префрла во понеделник.

 На предлогот остро се спротивставија и претставници на синдикатите.