Македонија
6. October 2026 - 16:31

Привремено одложена имунизацијата со БСЖ вакцината против туберкулоза поради несакани реакции во Хрватска

Македонија времено го стопираше вакцинирањето на новороденчиња со  БСЖ против туберкулоза. Одлуката утринава ја донесе Комисијата за имунизација, откако Хрватска го вклучи алармот поради 4 сомнителни случаи на инфекција на коски како можна несакана реакција од вакцината. И во нашата земја се набавуваат вакцини од истиот бугарски производител.

Побарано е од Агенцијата за лекови да ги провери сериите од изминатите години, дали се истите што се користат и во Хрватска.

-Во моментот во нашата земја немаме пријавен случај од несакана реакција од бесеже, но имајќи предвид дека сакаме превентивно да дејствуваме, Комисијата даде препорака за привремено одложување на вакцинацијата со бесеже сè до моментот додека не ги добиеме комплетните информации, а тоа се: дали сериите што во моментот се користат во Хрватска соодветствуваат со сериите што ги имаме во нашата земја и МАЛМЕД ќе истражи, заедно со Институтот за јавно здравје и Министерството, дали ќе се јават некои дополнителни несакани реакции кои ќе се пријават, изјави проф д-р Александра Грозданова, претседател на Комисијата за имунизација.

Од Комисијата за имунизација БСЖ вакцината од истиот производител се користи во Македонија повеќе од 20 години, и досега е пријавена само една локална реакција, и додаваат дека нема потреба од дополнителни испитувања на децата, освен ако не се во тешка општа состојба.

-Со оглед дека досега навистина немаме регистрирано остеомиелитис како компликација на БСЖ-вакцина, мислам дека нема потреба да се прави паника меѓу родителите. Секако, каков било здравствен проблем ако има детето, треба да се консултираат со нивниот матичен педијатар или матичен доктор за да се проследи. Сега е сезона, односно почнуваат респираторни инфекции, ќе имаат и температура и горнореспираторни симптоми на инфекција, така што мислам дека нема место за паника, рече проф. д-р Катарина Ставриќ, педијатар-имунолог и член на Комисијата за имунизација.

Со оглед дека Македонија е ризична земја за туберкулоза и во моментот има 100 тина заболени, меѓу кои и деца, комисијата побарала институтот за ТБЦ да ги исконтактира сите семејства кои имаат бебиња како да ги заштитат ако во нивна близина има заразен.

БСЖ вакцината се дава пред отпуштање на бебињата од родилиштата, а според имунолозите може да се прими и до 1 година. Таа е задолжителна и е во редовниот календар, годишно се вакцинираат околу 16.000 новороденчиња.