Македонија
14. October 2026 - 16:51

Груби „победнички“ излезе од куќен притвор

Ниту се закити со златен медал на Олимписки игри, ниту доби некакво меѓународно признание кое би го номинирало за Нобелова награда. Едноставно, излезе од куќен притвор.

Со факели, димни бомби, огномет и стотици поддржувачи поранешниот прв вицепремиер Артан Груби по осум месеци излезе од куќен притвор кој му заврши синоќа на полноќ.

Во еуфорична атмосфера се поздравуваше со насобраните граѓани пред зградата во која живее во Чаир.

Куќниот притвор му заврши по сила на закон, а за таа сметкa определени му беа мерки на претпазливост и одземен му беше пасошот.

Судот не ја прифати гаранцијата од три стана во негова сопственост и во сопственост на неговот потесно семејство, вредни 335.000 евра во замена за неговата патна исправа.

Сепак, иако Груби синоќа славеше, неговиот правен тим денеска ѝ се извини на македонската јавност.

Одбраната на Груби тврди дека собирот бил спонтан, без говори, без пораки и без политички обележја.

Адвокатите велат дека секое изразување поддршка од страна на граѓаните е нивен личен избор и не треба да се поврзува со одбраната, а нивен фокус остануваат исклучиво правните аспекти на предметот во кој Груби е обвинет.

- Во името на нашиот штитеник, им се извинуваме на сите граѓани кои може да биле вознемирени синоќа од неколкуминутниот спонтан настан, што би можел да создаде  погрешна слика во јавноста. Одбраната нагласува дека почитувањето на институциите, судските постапки и владеењето на правото е од суштинско значење.  Секое одлучување на надлежните органи треба да се почитува без политички притисоци, лични интерпретации и јавен притисок. Воедно, потенцираме дека Артан Груби не учествувал во организацијата, ниту таа претставува некаков негов политички став или иницијатива, вели адвокатскиот тим на Груби.

Поранешниот прв вицепремиер избега од Македонија откако беше обвинет во случајот „Државна лотарија“ за јавна набавка на ВЛТ апарати за потребите на акционерското друшство во државна сопственост, кои иако набавени, се чуваат во магацините. Се врати во февруари годинава, а судењето почна минатиот месец.

На претходните две рочишта сведочеа двајца сведоци на Обвинителството.

Првиот, директор за игри на среќа во „Државна лотарија“ Владо Петковски беше прогласен за непријателски сведок од страна на Обвинителството бидејќи обвинителите не ги добија посакуваните одговори, откако тој кажа дека не знае дали Груби и второосмничениот, Перпарим Бајрами се познавале, дали се пријатели и дали се среќавале.

Обвинителите најавија дека по наредното рочиште, закажано на 20 октомври ќе кажат зошто Петковски не ги дал посакуваните одговори и што тие ќе преземат понатаму.

На следното рочиште одбраната треба да ги соопшти своите сведоци.

Меѓу нив се очекува да бидат повеќе поранешни високи владини претставници, а повеќе од очигледно е дека ќе биде и поранешниот министер за финансии, Фатмир Бесими.