Само 8% од ромките се вработени, економска зависност и насилство
Недоволното образование, тешкиот пристап до вработување и економската зависност ги ставаат жените Ромки во особено ранлива положба. За многу од нив, немањето сопствени приходи значи и ограничени можности да излезат од средина во која се изложени на насилство.
Дополнително, дискриминацијата ја чувствуваат и при барањето работа, во здравствените установи и во образовниот систем. Од Ромската асоцијација „Родоп“ предупредуваат дека стравот, немањето финансиска сигурност и отсуството на поддршка ги обесхрабруваат жените да побараат помош.
-Голем дел од жените коишто трпат насилство се повлекуваат и немаат храброст да пријават, бидејќи немаат поддршка каде да се обратат. Финансискиот дел им е најголем проблем, исто така и домувањето. Немаат каде да се вратат. До сите жени Ромки апелирам да се охрабрат, да пријавуваат, да се образуваат, да станат дел од општеството, да се вработат, да се вклучат на пазарот на трудот и секогаш да бидат економски независни, изјави Сабина Асанова, преседател на Ромската асоцијација „Родоп“.
Особено важна е улогата на институциите во обезбедувањето заштита и создавање услови во кои жртвите нема да бидат оставени сами да се справуваат со последиците од насилството.
-Сметаме дека пред се, подигањето на свесноста е прв важен чекор во тоа да се спречи и да се реагира во случај на семејно насилство, но исто така е важно да ја понудиме сите на секој на свој начин како што можеме институционална и вонинституционална поддршка за жртвите на насилство, изјави Весна Трајковска, психолог.
Само осум од сто жени Ромки се вработени. Ова го покажуваат податоците на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за периодот од 2022 до 2024 година. Ниското образование и сиромаштијата остануваат главни пречки за нивно вработување.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
