Македонија
13. November 2026 - 16:33

Полицијата ќе отстранува потенцијални насилници од сопствениот дом на 48 часа

Полицијата ќе отстранува потенцијални насилници од сопствениот дом на 48 часа. Ова е една од клучните измени кои ги предвидува законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство. На брифинг со новинарите министерот Тошковски појасни дека оваа мерка полицијата ќе може да ја изрече дути и без докази, туку на сопствена проценка дека постои сериозен ризик од насилство. 

Еден од најрадикалните чекори е можноста полициски службеник на самото место да изрече усна наредба за 48-часовно отстранување на потенцијалниот сторител од домот, без оглед дали тој е сопственик на имотот. Усната наредба ќе важи 48 часа, а во рок од шест часа треба да биде доставена и во писмена форма. Потоа, судот ќе одлучува дали мерката ќе ја продолжи до 30 дена или ќе ја прекине. Овде од една страна имаме право на сопственост, а од друга страна право на живот и за мене лично нема дилема кое право е поважно, рече Тошковски на брифингот.

Министерот и вчера во тема на денот на Сител потврди дека новото законско решение ќе предвидува и употреба на електронски алки за следење на насилниците, но како тоа ќе функционира во пракса се уште нема детали.

Статистика на МВР покажува пораст на пријавите за семејно насилство за 70% во првите девет месеци од годинава во споредба со претходната. Бројките покажуваат дека во просек во Македoнија дневно има по најмалку три жртви на семејно насилство. МВР има поднесено 1.450 кривични пријави, а за три пати е зголемен и бројот на изречени мерки притвор за насилниците. Најголемо зголемување има кај пријавите за телесна повреда што од годинава се гони по службена должност и токму ова според министерот Тошковски е причина за драстичното зголемување на бројот на пријави, зголемената свесност и довербата во полицијата за пријавување на ваквите кривични дела од страна на жртвите.

Годинава има и 7 фемициди, а последната 17-годишна жртва од Богданци повторно ја актуелизираше темата за заштита на жртвите. За овој случај министерот Тошковски информираше дека истрагата нема утврдено пропусти во постапувањето на полициските службеници.