Бизнис
14. November 2026 - 16:27

Охрабрувачки бројки за премиерот, разочарувачки за опозицијата

Индустрискиот промет во септември бележи раст од скоро 5,5 отсто во однос на истиот месец лани. Од почетокот на годината, за трите тримесечја, прометот се зголемил за 3,3%. Според Државната статистика, најголемо влијание за позитивните бројки има производството на прехранбените производи, електричната опрема и машините и уредите. Пад е регистриран кај производството на енергија и производите за широка потрошувачка. За премиерот бројките се охрабрувачки, бидејќи од длабок минус, конечно економијата се приближила до точка нула. Очекувањата за следните месеци се дека растот ќе продолжи.

- Сите индикатори укажуваат на тоа што ние уште на самиот почеток го велевме, дека треба трпение, дека мора полека да ги консолидираме работите и еве конечно, по речиси две и пол години, дојдовме до точка нула, а бевме во длабок минус. Дојдовме до точка нула, онаму од каде што би требало да почне некој што е на власт, и од сега очекувам само раст, но тоа не зависи секогаш само од нас, туку и од состојбите во светот. Се надевам дека за многу скоро од денеска ќе можеме да зборуваме за поинтензивен развој, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Реалноста е поинаква од она што го зборува премиерот, цените растат, а граѓаните живеат сè полошо, обвини опозицискиот лидер Филипче. Потврда за ова се најновите проекции на ММФ, кои нè рангираат на 41. од 48 економии по БДП по жител.

- Проекциите на ММФ велат дека БДП по жител во Македонија ќе изнесува 11.762 долари. Од земјите во регионот, пред нас се Србија, Црна Гора и Албанија. Разликата со најбогатите европски економии останува огромна. Ова е реалната состојба на македонската економија. Не бајките на Мицкоски за трета економија во Европа. Не лагите за најбрз раст на платите и пензиите. Граѓаните оваа реалност многу добро ја знаат, ја чувствуваат секој ден. Цените се до плафон, а платите стагнираат. Кошничката е 90 илјади денари со стан, ниту три плати не се доволни да се покријат месечните трошоци. Ова е сè она што СДСМ го зборува последната година, истакна Филипче.

Врз основа на податоците на ММФ, Вижуал Капиталист ги објави најбогатите земји според бруто-домашниот производ по глава на жител. На врвот на листата се Лихтенштајн, Луксембург и Ирска, со над 120 илјади долари по глава на жител, додека меѓу последните е рангирана нашата земја, заедно со Косово и Украина. Германија се наоѓа на 12. место, чиј БДП по глава на жител е околу 66 илјади долари или пет пати повисок од македонскиот.