Бизнис
15. November 2026 - 16:26

ЕСМ ќе ја достави до Влада новата цена на струјата следната недела – тогаш ќе се знае и новата цена на парното

ЕСМ следната недела ќе ја достави до Влада новата пресметка за цената на струјата. Потоа ќе се носи одлука по која цена ќе ја продаваат електричната енергија на Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, која ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи.

Во моментов изнесува 65 евра за мегават час. На берзите пак, цените надминуваат над 100 евра, што е причина сите енергетските компании да бараат корекција нагоре. МЕПСО бара преносната тарифа за електрична енергија да се зголеми за над 97%, како и за речиси 80% повисок регулиран приход.

Се чека ЕВН да го објави тендерот на кој треба да обезбедат струја за покривање на загубите. Потоа Регулаторот треба да пресмета кои трошоци се оправдани, а кои не и да ја соопшти новата цена на струјата која ќе ја плаќаат граѓаните од 1 јануари. Од владата велат дека ќе понудат модел со кој цената ќе остане иста. 

Следнава недела треба да се знае и новата цена на парното греење. Тројно повисоката цена на гасот на берзите ги натера компаниите да побараат корекција нагоре. 

- Геополитичките случувања на Блискиот Исток предизвикаа нестабилност на глобалните енергетски пазари. Сите фактори што ја креираат цената се драстично зголемени, речиси за 60% се повисоки од последната утврдена цена во август - велат од ЕСМ

Ако поскапи парното грењее, ќе биде трето годинава. Првото беше во јануари, кога цената се зголеми за 5%, а второто во август, од кога топлинската енрегија се испорачува за околу 6 отсто поскапо.