Почна амандмантската расправа за Буџетот
Со 400 поднесени амандмани почна амандмантската расправа за Буџетот за следната 2027 година. Најголем дел од нив доаѓаат од опозициската СДСМ.
СДСМ и коалицијата поднесоа вкупно 225 амандмани, од кои 64 се општи амандмани, а 161 се амандмани кои се однесуваат за општините преку одредени проекти, вели коодинаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека станува збор за предлози за кои Владата веќе почнала да ги реализира.
Каква трагикомедија! 225 амандмани за она што СДС имаше цели седум години да го направи! Какво жестоко потценување на својот народ. СДС поднеле 225 амандмани на Буџетот за 2027 година, од кои дури 161 се однесуваат на општините. И без исклучок, ама без исклучок сето тоа што го бараат во амандманите или е покачено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ или е почнато со реализација. Но, се поставува едно едноставно прашање: Каде бевте и што направивте за овие потреби кога ја имавте власта?, вели пратеникот Бојан Стојаноски.
Над 80 амандмани поднесе и Левица. Оттаму критикуваат дека државата планира пари да троши на милитаризација на државата, наместо да работи на превенција на насилството, особено семејното насилство за кое од МВР веќе објавија дека е во пораст, и по бројот на пријави, и по бројот на притворени насилници.
- Средствата за НАТО коишто се одвојуваат се практично средства кои ги надминуваат средствата на сите овие програми кои се однесуваат на превенција и заштита од таквиот насилство, и родово базирано, и семејно насилство, и насилство врз деца, вели Реџеп Исмаил од Левица.
Еден од клучните амандмани на СДСМ беше раст на минималната плата за работниците во јавниот сектор. Пратениците побараа платите на 22.000 вработени на државно кои се на минималец да се зголемат на 600 евра. Амандманот не беше прифатен со образложение дека во Буџетот веќе е предвиден раст на платите.
- Основната причина за поднесување на овој амандман е потребата од усогласување на примањата на вработените со реалниот раст на трошоците на живот, постојаното поскапување на храната, енергијата, превозот и останатите основни потреби кои секако ја намалуваат куповната моќ на граѓаните кои имаат најниски плати, а во меѓувреме, вие не успевате да се справите со овие ценовни шокови, вели пратеничката Сања Лукаревска.
- Со Буџетот за 2027, да резимирам, обезбедуваме дополнителни плус 3,4 милијарди денари за плати во јавниот сектор што претставува зголемување за 6,3% во однос на 2026 година. Од овие причини, амандманот не се прифаќа, вели заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски.
Пратениците ќе имаат рок од пет дена да ги разгледаат сите предложени амандмани, а потоа на пленарна седница уште пет дена ќе имаат можност за расправа.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
