Секоја вечер во Македонија поминува со најмалку 10-тина повредени во сообраќајни несреќи
Дневно на патиштата низ Македонија има по десетина сообраќајни несреќи. Само вчера во Скопје во сообраќајќи повредени се 5 лица... Секој ден ваква статистика регистрираат полицијата и Брзата помош. Со доаѓањето на пролетта се зголеми и бројот на учесници во сообраќајот. Во билтените често се евидентирани и повредени велосипедисти и мотоциклисти. Од Итната медицинска помош велат дека најголем дел се млади лица.
-Повеќето се со полесни повреди, но имаме случаи кога сме интервенирале и кај лица со потешки фрактури, но и на сообраќајки со смртни последици, вели д-р Зорица Милошевска, од Брза помош Скопје.
Иако има подобрување во сообраќајната култура, од скопската Брза помош велат дека сеуште наидуваат на несовесни учесници во сообраќајот кои на крстосници не ги пропуштаат возилата иако се со вклучена сигнализација.
-Подобрена е сообраќајната култура, но сеуште има несовесни возачи и сакаме да апелираме дека понекогаш и минути и секунди се во прашање да стигнеме на местото каде има повредени, додаде д-р Милошевска.
Во минатото беа регистрирани и неколку случаи амбулантни возила во обид побргу да стигнат до местото на повикот да бидат удрени од автомобил управуван од несовесен возач.
Според статистиката на полицијата во 2016 година на патиштата низ Македонија имало 165 жртви, а повредени биле близу 6000 лица. Во Скопје во сообраќајки починале 33 лица. Најголем дел од незгодите во главниот град се случиле на булеварите Партизански одреди и Илинденска, а најчести причини се возење со голема брзина, непочитување на правилата пред се користење мобилен телефон додека се управува возило.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
