Македонија
27. July 2022 - 16:47

Нов случај на африканска чума кај свињите

Потврден нов случај на болеста африканска чума кај свињите и повторно во Пијанец. По поднесена пријава за сомнеж на болеста, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе официјална контрола во одгледувалиште со екстензивен начин на чување свињи во с. Моштица, општина Македонска Каменица. Лабораториските тестирања на земените мостри од две угинати свињи при Факултетот за ветеринарна медицина, го потврдиле присуството на болеста.

-Веќе се воспоставуваат зоните од 3 и 10 км околу жариштето, кое што е во населеното место Моштица ги опфаќа 3-те километри, значи Македонска Каменица, Саса, Цера, Косевица, Костен дол. Тоа се населените места во оваа општина, изјави Никола Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во зоната под надзор која опфаќа 10 км се општините Виница, Кочани и Делчево и пограничниот појас со Србија и Бугарија. Во период не подолг од 5 дена, во заштитената зона ќе се изврши попис на сите домашни животни.

-После тоа ќе извршиме нештетно уништување на сите затекнати животни, а додека во зоната од 10 км исто така ќе се изврши депопулација, при што свињите кои ќе бидат претходно тестирани, нивното месо ќе оди на економско искористување-додаде Бабовски

Вирусот не е опасен за луѓето, но тие можат да бидат преносители преку контаминирана облека. Не постои вакцина, ниту лек, а смртноста е скоро 100% и настапува за најдоцна две недели.