Нова индустриска зона на влезот од Штип
Лесната индустрија, особено текстилството и преработувачката дејност, во која доминантни се малите и средните претпријатија, има значајно учество во локалната вработеност и извозот во општина Штип. Достапноста на градежно земјиште со уредена инфраструктура се смета за клучен предуслов за раст и развој на секторите. За таа цел, општината оформува нова индустриска зона на влезот од градот, а во тек е првата објава за продажба на градежни парцели по пат на јавно наддавање.
- Овие градежни парцели се со различни површини една е 3600 метри квадратни, другата околу 9500 метри квадратни, истите нудат можност за изградба на приземје и два ката и почетната цена на јавно наддавање е 61 денар за метар квадратен. Очекуваме апликациите за градежните парцели да бидат доставени во општина Штип до 23-ти февруари оваа година, а јавното наддавање ќе се одржи 2 дена после тоа, изјави Вишна Шорова-Ангелова, секретар на општина Штип.
Планираното формирање индустриска зона во овој дел од Штип, се гледа како можност за проширување на постојните капацитети на локалните компании и отворање простор за нови производствени погони со додадена вредност. Дополнително, продадени се 20 од предвидените 100 парцели за домување во населбата Три Чешми, што укажува на зголемен интерес за оваа локација.
- Како резултат на проект кој беше аплициран во Министерството за транспорт беше изградена секундарната инфраструктура за сите оние градежни парцели кадешто во тек е овозможување документација за изградба на предвидените куќи, односно за оние парцели кои беа на продажба во текот на минатат година, додаде Шорова-Ангелова.
Овие активности се дел од пошироката економска политика на Општината насочена кон балансиран урбан развој, поддршка на стопанството и подобрување на квалитетот на живот.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
