Македонија
22. November 2018 - 16:22

Нова терапија за пациентите со хепатит Ц

Пациентите со хепатит Ц во Македонија целосно ќе бидат излекувани, тврдат лекарите. Околу 150 лица кај кои вирусното заболување довело до цироза или рак на црниот дроб и неопходна е трансплантација ќе примаат нова терапија. Скапите лекови се донација од американска фондација и на Гастро веќе почнеле да им ги даваат на болните. Загрижува што голем дел од пациентите се млади.

- За да можат да ја добијат терапијата пациентите не треба да им биде оштетен црниот дроб. Ќе бидат излекувани сите пациенти на Клиниката кои биле издетектирани дека се позитивни на хепатитис Ц, генотип 1 и 4, изјави проф.д-р Калина Гривчева Старделова, директор на Клиниката за гастроентерохепатологија.

Освен на Гастро современата терапија ќе ја користат и на Инфективна.

- Тестирањата се во тек. Има пациенти кај кои таа процедура е завршена. Работиме на развивање комплетна стратегија, што значи превенирање и третирање на хроничен хепатитис Ц, кој е од огромно значење за искоренување на инфекцијата, изјави д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.

Новата терапија за лекување на хепатит Ц е неопходна и за трансплантираните, но и за пациентите кои одат на дијализа бидејќи се под голем ризик да добијат инфекција.