Македонија
28. November 2024 - 13:12

Нови технологии за производство на чиста и здрава вода за пиење

Обезбедување на квалитетна, чиста и здрава вода за пиење е приоритет на секое јавно водоводно претпријатие. Сепак, понекогаш се соочуваат со непредвидливи ситуации, како што беше неодамна кога градот Струмица неколку дена остана без вода за пиење, поради зголемените количини на манган во водата од брана Турија, а процесот на озонација не ги даде посакуваните резултати. 

- После извесен период количините на манган во водите од Турија постепено опаѓаа до степен кога беа обработливи. Ние, во самиот процес на обработка на вода користиме озон и со оксидација на озонот се доведовме во ситуација да можеме манганот да го имаме во помали количини кои го задоволуваат правилникот за безбедност на водата, изјави Стојан Ефтимов, технички директор, ЈКП „Комуналец“- Струмица

После 3 последователни лабораториски анализи фабриката за вода при ЈКП „Комуналец“ од Струмица добива решение дека водата е питка. Површинските води најчесто не содржат манган во недозволена мера, а промените во составот на водата брзо се детектираат со процесни мерачи. 

- Ги детектира тие критични параметри. Во главно станува збор за органски материи, зголемена матност, го следиме и PH на водата и врз основа на тие процесни мерачи ние сме во можност брзо да реагираме во самиот технолошки процес, додаде Ефтимов

За националната и ЕУ регулативата за контрола на квалитетот на водата за пиење, АДКОМ организира обука за раководните и техничките лица од водните претпријатија, кои со колегите од соседна Србија разменија знаења и добри пракси. Поголемите водоводни претпријатија располагаат со сопствени акредитирани лаборатории кои вршат анализа на водата на изворите, резервоарите, црпните станици и крајните потрошувачи.

- Што се однесува до новата директива, можат да настанат некои проблеми, дали ќе се воведат приватни лаборатории или државни. Доколку се приватни, дали тоа ќе бидат лаборатории од истиот град или од друг, кога ќе се добиваат резултатите. Меѓутоа, тоа мора да бида јасно пропишано со некои уредби, правилници или други законски акти, изјави Горан Гавриловиќ, координатор на производство и дистрибуција на вода, ЈКП„Водовод и канализација“- Крагуевац.

Во Македонија, контрола на водоснабдителните објекти врши Агенцијата за храна. 

- Инспекторите за храна, вршат 3 типа на контроли, редовни, вонредни и контролни, изјави Сузана Поповска - Агенција за храна.

Последните неколку години постои одреден напредок во користењето на дигиталните технологии, алатки и инструменти за мониторинг на квалитетот на водата, но потребно е постојано да се вложува во нови технологии.

- Ако гледаме од страната на претпријатијата за водовод и канализација, никогаш не е доволно и секогаш има потреба за нови работи, за дигитализација на системот. Од друга страна државата и државните органи мислат дека сосема доволно се издвоени средства за таа намена. Бидејќи, тие не се навлезени во таа материја, колку што се самите водоводни претпријатија, додаде Гавриловиќ

Доколку дојде до загадување на водата, во фабриките за вода во 99% од случаите се вршат корекции во производството на вода, за на излезот од станицата се добие хигиенски исправна вода за пиење.