Македонија
15. December 2025 - 16:28

Објавен тендерот за градење на Регионален центар за управување со отпад во Свети Николе, планирани се вкупно пет

За шест месеци ќе почне да се гради првиот Регионален центар за управување со комунален отпад во државата.

Планирани се вкупно пет, но властите очекуваат во светиниколско Мечкуевци да биде првиот функционален, бидејќи тендерот за негова изградба е објавен денеска. Со овие центри, властите очекуваат да се реши горливиот проблем со нестандардното управување со отпад. 

„Сведоци сме на локации кои не се соодветни за отпад, локации кои постојано горат, ја загадуваат и водата и почвата, неоградени, неконтролирани. Со формирањето на регионалниот центри за управување со отпад да се надминат сите овие недостатоци“, изјави Ана Каранфилова Мазнева, раководителка на сектор за отпад во МЖСПП. 

Покрај центарот во светиниколско, ќе се формира санитарна депонија и во гостиварско Русино за Полошкиот регион. Ќе се гради и во Мегленци – центар кој ќе ги опслужува Пелагонискиот и Југозападниот регион. Центар е предвиден да биде изграден и во Доброшинци, општина Василево наменет за потребите на жителите во Вардарскиот и Југоисточниот регион. И петтиот за скопскиот регион, во Дрисла.

Градоначалникот на Новаци ја доби функцијата да претседава со Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад за регионалниот систем за управување со отпад во пелагонискиот и југозападниот регион. Наместо секоја локална самоуправа сама да се справува со ѓубрето, општините во овој регион ќе делат заедничка структура. 

Државите во ЕУ рециклираат 50% од отпад. Македонија воопшто не може да се пофали со такво нешто. Повеќепати сме предупредувани од ЕУ, дека имаме легислатива за урпавување со отпад но не ја применуваме. Надлежните од ресорното министерство очекуваат со овие центри, ваквите состојби да се подобрат.