Македонија
19. April 2022 - 16:31

Обвинителството се повлече од случајот на малата Тамара, Хелсиншки ќе го тера случајот до Стразбур

Никој нема да одговара за случајот со малата Тамара од Велес. 

На завршните зборови обвинителот го повлече обвинението за поранешните директори на Фондот Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази, како и тогашната претседателка на Управниот одбор Елена Трпковска, а за останатите членови на лекарските комисии обвинителството наместо по кривичниот закон за “Несовесно работење во службата” кривичното дело го преиначи во член од Законот за здравствено осигурување. 

Со ова преквалификација делото застарува зошто се поминати 6 години и судот треба да го затвори предметот.

За ова реагираа од Хелсиншкиот комитет кои заедно со мајката поднесоа кривична пријава по смртта на Тамара.

-Со оглед дека обвинителството одлучи да го преквалификува делото дури во завршната фаза од судењето, а не претходно, легитимен е сомнежот дека постоела намера делото едноставно да застари и никој од обвинетите кривично да не одговара за смртта на малата Тамара. Комитетот оценува дека ваквата одлука на обвинителството е крајно поразителна и значи дополнително зголемување на недовербата во правосудниот систем, кој не испорачува правда за жртвите, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет и најавуваат дека правдата за овој случај ќе ја бараат пред судот во Стразбур.

8 годишното девојче Тамара почина во 2015 година чекајќи одобрување од Комисиите при Фондот за здравство за лекување во здравство поради сколиоза.