Од почетокот на годината во струмичко радовишкиот регион откриени над 20 случаи на дрвокрадство
Од почетокот на годината во струмичко радовишкиот регион се евидентирани над 20 случаи на дрвокрадство , а запленети повеќе од сто кубни метри огревно дрво. Според податоците од Македонски шуми, станува збор за лица кои подолг период се занимаваат со вакви активности. Од претпријатието посочуваат дека токму врнежливото време и ниските температури дрвокрадците ги користат за прикривање на активностите и полесно организирање на нелегалната сеча. Најголемиот дел од транспортот на дрвата се врши со нерегистрирани возила.
Интервенциите во овој период најчесто се регистрирани во планинските предели Плачковица кај Радовиш, како и на Готен, Огражден и Еленица во струмичкиот регион , подрачја кои според надлежните, често се мета на дрвокрадци. Од претпријатието посочуваат дека околу 90 проценти од откриените случаи се поврзани со нелегална трговија со огревно дрво.
Од Македонски шуми најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел спречување на нелегалната сеча и санкционирање на сторителите.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
