Македонија
10. July 2025 - 16:34

Охрид доби уште една шанса од УНЕСКО, Мицкоски најави рушење на дивоградбите

Охрид доби уште една шанса од УНЕСКО да остане надвор од листата на загрозени светски наследства, засега. УНЕСКО и даде рок на Македонија од една година, во која државата мора да ги исполни клучните препораки за заштита на природното и културно наследство на регионот.

Одлуката е донесена на 46. седница на Комитетот за светско наследство, со што македонските власти добиваат време до февруари 2026 година да покажат конкретен напредок.

Според премиерот Мицкоски, одлуката е резултат на жестоката диполоматска офанзива која ја спровеле, а Охрид бил доведен во ризик да биде отстранет од листата на УНЕСКО поради негрижата на претходната Влада. Најави рушење на дивоградбите во охридскиот регион.

Според министрите за надворешни работи и култура, одлуката УНЕСКО да го одложи преместувањето на Охрид во листата загозени светски наследства е резултат на активната и посветена дипломатија која ја спровеле, претходната власт 7 години не земала предвид ниту една препорака на УНЕСКО за Охрид, а тие обезбедиле време од една година да започнат со реформи да се зачува охридскиот регион како културно и национално богатство.

Меѓу препораките на УНЕСКО се и итни мерки за спас на Студенчишко Блато, целосна забрана за градење во неговата околина,како и ревизија на законот што треба да го прогласи блатото за Парк на природата.

Охрид е под закрила на УНЕСКО уште од 1979 година. Истата листа ги вклучува и Мачу Пикчу, Пирамидите во Гиза, Нијагарините водопади. Места што светот се обврзал да ги зачува, токму затоа што се непроценливо важни.