Македонија
2. August 2022 - 12:41

Општина Штип планира да започне реконструкција на застарената примарна водоводна мрежа

Со 55 милиони денари, пари од самопридонесот, кои со децении стојат на трезорска сметка, замрзнати и неискористени, општина Штип планира да започне реконструкција на застарената примарна водоводна мрежа. Првиот проблем е што парите се собрани за изградба на брана на река Козјак, па за нивна пренамена потребно е граѓанско референдумско изјаснување. Вториот проблем е што во самопридонесот учествувале и жителите на општина Карбинци, а сега функционираат 2 локални самоуправи.

- Во периодот кога се разделиле двете општини, онолку средства колку што било утврдено согласно методологијата која била направена биле одвоени за општина Карбинци, што значи дека остатокот останале на сметката на општина Штип - изјави Вишна Шорова - Ангелова, секретар на општина Штип 

Според евиденцијата на руралната општина, пред 20 години, со дел од овие средства, односно, со пари од каматата е изграден водовод во с. Карбинци.

- Во периодот кој што следи треба да ја доиспитаме целата оваа ситуација, колку сме ние од тие средства искористиле, поточно, да знаеме дали нешто ни преостанува за користење или тоа е веќе завршено во изминатиот период - изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци 

Првично биле собрани 90 милиони денари, а 35 милиони биле делени како позајмици на јавните претпријатија кои никогаш не ги вратиле. Замената на старите азбесни цевки ќе го реши проблемот со честите дефекти, посебно во летните месеци, кога одделни населби со денови остануваат без вода за пиење.